Свет

САД ја повлекуваат војската од Сирија

20.12.2018 12:56

Сојузниците во шок. Вашингтон реши да се повлече од Сирија.Трамп образложи, ја победивме Исламска држава. Москва, Техеран и Дамаск задоволни од одлуката. Лондон, Париз и Берлин негодуваат...

Белата куќа соопшти дека САД почнале со повлекување на трупите од Сирија. Претседателот Доналд Трамп во видео обраќање ја образложи одлуката изјавувајќи дека Америка ја поразила тамошната терористичка група Исламска држава.

„Долго време се боревме во Сирија. Јас сум претседател речиси две години. Победивме против Исламската држава. Ја вративме земјата. Сега е време нашите војници да се вратат дома. Тешко ми е кога морам да напишам писма или да се јавам кај родителите или жените и мажите кај војници кои кои загинале борејќи се за нашата земја. Тоа е голема чест, но ни ги крши срцата. Така што нашите момчиња и девојки се враќаат дома веднаш. Победивме“- рече претседателот Трамп.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс во соопштение истакна дека веќе почнало повлекувањето на американските трупи , додавајќи дека поразот на ИСИС не значи крај на кампањата на коалициските сили во Сирија.

Одлуката на Трамп ги шокираше сојузниците. Британската влада смета дека заканата останува и покрај предностите направени спрема Исламска држава во последните неколку дена. И додека курдските сили се чувствуваат напуштени поради одлуката на Вашингтон, Дамаск, Москва и Техеран се пријатно изненадени од повлекувањето.

Одблизу го следиме развојот на ситуацијата во северна Сирија, каде што растат тензиите поради нелегалното присуство на САД. Континуираните обиди за разговор на Вашингтон со курдските политичари предизвикаа сериозна загриженост во Анкара поради заканата за националната безбедност на Турција во врска со ова. САД не можат да ја отфрлат оваа загриженост“, изјави Марија Захарова, портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија.

САД и натаму имаат забележителен воен ангажман во кризниот регион, околу 5.000 војници во Ирак.

 

Марина Ристова