Екологија

Невладини организации бараат да прекине изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја

20.12.2018 14:11

Ембарго за градењето на малите хидроцентрали во заштитените подрачја во земјава, бараат невладини организации од земјава и од странство. Со субвенционирањето на овие хидроцентрали, буџетот на македонското семејство е оптоварен со 6 насто, а државата за 8 години издвоила 62 милиона евра...

Невладината „Екосвест“ поддржана од Меѓународната еколошка мрежа „Бенквоч“ бара да прекине изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и во национални паркови. Според нив, лошата градежна практика и непочитувањето на мерките предвидени со еколошките дозволи резултирало со уништени речни корита, нарушени екосистеми, намален водостој и рибен фонд.

„Самите зафати го фрагментираат целиот хабитат, оставаат суви делови кои се под влијание на бактерии, алги кои природно не би биле во речните корита, а со тоа се уништува и целиот еко систем“, изјави Ана Чоловиќ- Лешоска од „Екосвест“.

Слична е состојбата и во другите земји на Балканот, вели Игор Вејновиќ од Меѓународната мрежа „Бенквоч“, наведувајќи ги примерите од Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.

„Да нема градење хидроцентрали во национални паркови, во заштитени подрачја, кои имаат висок биодиверзитет. Да постојат стриктни правила како ќе се гради и секогаш да се прави студија за влијанието врз животната средина, затоа што малите хидроцентрали имаат влијание, само е прашање на кој начин тоа може да се спречи и да се намали“, изјави Игор Вејновиќ, Меѓународна еколошка мрежа „Бенквоч“.

Еколозите ја критикуваат и нацрт- уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Според нив, таа предвидува и натаму гарантирана субвенционирана цена за струјата произведена од малите хидроцентрали, што е против правилата на Енергетската заедница.

„Ова што конкретно го пишува во уредбата е за новиот систем, но би продолжило и натаму гарантирањето на откупните цени. И за нас е проблематично продолжувањето со тој стар систем“, вели Филипа Галоп, Меѓународна еколошка мрежа „Бенквоч“.  

Анализата покажала дека за осум години за субвенционирање на малите хидроцентрали биле исплатени речиси 62 милиона евра, кои преку сметките за струја ги плаќаат граѓаните, затоа што во вкупниот износ учествуваат со 6,2%.

Од „Екосвест“ порачуваат дека водата е природен ресурс кој во земјава сѐ уште го има во изобилие, но климатските промени влијаат врз намалувањето на водостојот на реките што ќе влијае не само на екосистемите, туку и на човекот, кој оттаму ги црпи неопходните ресусри за живот и благосостојба. Еколозите бараат јавните пари да бидат вложени во нешто поодржливо и со помала штета врз животната средина.

 

Свето Николовски