Рускоска: Не сум задоволна од Законот за амнестија, преквалификација на делото нема да има
Од Законот не сум задоволна, ќе нема преквалификација на делото- порача обвинителката Рускоска. Дел од луѓето коишто се опфатени со процесот за собраниските настани од 27-ми април веќе се изјаснија. Јане Ченто и Игор Југ нема да бараат амнестија. Други ќе се консултираат со адвокатите. Алијансата на Албанците покренува постапка пред Уставниот суд...

Алијансата на Албанците покренува постапка за оценка на уставноста на Законот за амнестија. Од партијата велат, решението е селективно, не се согласуваме со него дури и по цена интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ, каде се бараат други вредности, велат од Алијансата. Порачуваат, не поддржуваме амнестија за настаните од 27-ми април.
Обвинителката Вилма Рускоска не е задоволна од Законот за амнестија. Посочува дека ќе нема преквалификација за делото на обвинетите кои што не се опфатени со донесеното решение. За останатите, како ќе пристигнуваат барањата, така поединечно ќе се одлучува.
Во консултација со колегите од Републичкото обвинителство, Рускоска вели дека ќе се разгледува и дали некој дополнително ќе одговара за здружување заради непријателска дејност, дело, кое според новиот закон не подлежи на амнестија.
Финалната одлука за тоа кој ќе биде амнестиран ќе ја донесе Судот, по претходно мислење на јавниот обвинител.
Обвинетите Јане Ченто и Игор Југ на денешното рочиште рекоа дека нема да поднесат барање за амнестија. Тие наведоа дека одлука за нивната вина може да донесе само судот, а не политичките елити.
Обвинетиот Горан Ѓошевски вели- „Кога законот ќе стапи во сила ќе се консултирам со адвокатот дали ќе поднесам барање“.
Дел од обвинетите пред камерите не сакаа да коментираат. Пратеникот Љубен Арнаудов, пак, за изјава побара 50 евра. Кога новинарите собраа пари и му понудија, рече дека се шегувал.
Рочиштето продолжува со изведување докази на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
Анита Димитријевска
