Дескоска: Скандалозна одлука на Судскиот совет
Скандалозна и противзаконска е одлуката на Судскиот совет со која си доделуваат додатоци на платата и тоа важи ретроактивно, оценува министерката Дескоска. Посочува законски основ за тоа имаат судиите, но не и членовите на Судскиот совет. Според министерката, има две одлуки за надомест, првата законска, втората вон законот.

Скандалозна и противзаконска е одлуката на членовите на Судскиот совет самите да си доделат додатоци на плата и тоа да важи ретроактивно за неколку месеци, оцени министерката Дескоска. Вели дека законски основ за тоа имаат само судиите. Од ресорот се сомневаат дека со оваа одлука, Судскиот совет сакал да предизвика револт кај судската администрација.
Реакција стигна и од Синдикатот на администрацијата и државната управа. Велат додека членовите во Судскиот совет си ја зголемуваат платата, во судовите работат и судски службеници и судска полиција кои не можат да ги остварат правата.
Во меѓувреме, измените на Законот за судии добија зелено светло од Венецијанската комисија. Во писмо до Министерството за правда истакнуваат дека Законот е многу појасен, внатрешно покохерентен и подобро го изразува европскиот пристап на одговорноста на судиите.
До Европската комисија беше испратен и Законот за корупција од каде што се стигнати препораки од експертите. Државната комисија да биде составена од 5 члена наместо 7, се дел од забелешките кои треба да се вметнат во измените.
Според ресорот не треба да се брза со формирањето на Антикорупциска, прво да следи консултација, па да се изгласа законот.
Викторија Милевска
