Здравство

Проверка на вакцинацијата поради епидемијата на морбили

20.12.2018 16:29

Градинката „Ташко Караџа“ не згрижува деца по појаватата на морбили во установата. Во Радишани е прогласена епидемија откако пет деца и еден возрасен се заразија со мали сипаници. Донесена е одлука да се проверуваат вакциналните картони во целата земја. Надлежните апелираат на редовна имунизација...

Ќе се проверуваат вакциналните картони на сите деца во земјава, откако здравствените власти прогласија епидемија на морбили во Радишани. Експертите предупредуваат- станува збор за заболување кое може да предизвика сериозни компликации по здравјето. Апелираат, родителите редовно да ги носат децата на имунизација, вакцините се безбедни.

Засега, нема нови случаи на заболени, но надлежните велат дека морбилите брзо се шират, и еден случај може да предизвика 20 нови. Регулативата ќе се зајакнува, особено кога е во прашање уписот во градинка или училиште.

„Да ја зајакнеме регулативата во однос на спроведување на контрола на тоа кои деца при уписот во институциите, во градинки, основни училишта и на факултет, се проверуваат“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Додека трае инкубацискиот период, нивните врсници од градинката „Ташко Караџа“ ќе останат дома.

Две недели градинката „Ташко Караџа“ во скопската населба Радишани нема да згрижува деца поради зголемениот број на заболени од морбили. Овој период надлежните ќе го искористат за дезинфекција на објектот.

Три од петте деца заболени од морбили од градинката во Радишани кои се згрижени на инфективната клиника се во стабилна состојба.

„Моето дете оди во оваа градинка и најголем проблем е што родителите не сакаат да ги вакцинираат своите деца“, вели еден родител.

„Моите деца се вакцинирани и внуците се вакцинирани не ја избегнуваме вакцинацијата. Кој како сака, но ризик постои“, додава жителка на населбата Радишани.

Ова е трет пат годинава здравствените власти да прогласат епидемија на морбили. Заболувањето се прошири во Дебар, во Сарај, а сега и во Радишани.

 

Андријана Атанасовска