Оглас

13,2 милиони евра за земјоделските фарми и задруги преку ИПАРД 2

21.12.2018 10:41

Од ИПАРД 2 програмата на јавниот оглас кој е во тек, земјоделските фирми можат да искористат 13,2 милиони евра. Вториот оглас е наменет само за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи. Кофинансирањето е до 50 проценти од одобрените трошоци, а рокот за поднесување на барањата е до 14-ти јануари 2019-та година.

Фирмите и земјоделските задруги можат да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, со што 50 проценти од инвестицијата ќе им биде кофинансирана со неповратна финансиска поддршка.

Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за млеко, месо и нивни производи, јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти, растителни производи и вино, како и производство на енергија преку погони за преработка.

Дополнително, финансиската поддршка се зголемува за 10 проценти доколку се работи за инвестиции во објекти и опрема со намена да се подобри енергетската ефикасност, производство на био-енергија за преработка на производи и производство на енергија од други обновливи извори или третман на отпадни води.

Крајниот рок за поднесување на барањата е 14-ти јануари 2019-та година, а вкупната финансиска поддршка на овој јавен повик е 13,2 милиони евра.

 

Методија Трајков