Вашингтон

Матис поднесе оставка од функцијата

21.12.2018 12:37

Американскиот секретар за одбрана Матис поднесе оставка поради разидувањето во ставовите со претседателот Трамп за повлекувањето на трупите од Сирија. Шефот на Белата куќа оди натаму, се најавува и преполовување на американското воено присуство во Авганистан...

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис поднесе оставка и кон февруари ја напушта функцијата. Матис на оваа одлука се реши поради разијдувањето со американскиот претседател Трамп по одлуката за повлекување од Сирија.

„Затоа што имате право да имате министер за одбрана чии стравови подобро се согласуваат со вашите за оваа или онаа тема, сметам дека е правилно за мене да се повлечам од својата позиција“, стои во писмото на Матис до Белата куќа.

Матис во оставката укажа на тоа дека американските сојузници ги третирал со почит и дека ги користел сите средства на американската моќ да обезбеди заедничка одбрана.

Шпекулациите за оставката на министерот почнаа откако Трамп го најави повлекувањето на американските сили од Сирија и покрај противењето на американските сојузници и високите воени функционери.

Сѐ уште не е познато кој ќе го замени како министер за одбрана. Матис е уште еден во низата политичари што ги напуштаат функциите пред истекот на мандатот на Трамп.

Матис познат по прекарот „бесно куче“ беше гласен критичар на администрацијата на Обама и неговата политика кон Блискиот Исток, пред сѐ Иран. Одлуката да го постави за министер за одбрана, Трамп ја соопшти во декември 2016 година, образложувајќи дека тој е најдобриот за таа функција и најблиску до она што бил генералот Џорџ Патон во Втората Светска војна.

Американските воено-политички аналитичари порачуваат дека по одлуката на Трамп за повлекување на војниците од Сирија, Москва и Техеран ќе ја преземат главната улогата во оваа блискоисточна земја.

Во меѓувреме американските медиуми објавија дека претседателот Трамп најверојатно ќе повлече дел од американската војска и од Авганистан. Според информациите, Трамп веќе и наредил на војската да направи планови за повлекување на околу 5.000 од вкупно 14 илјади војници.

 

Марина Ристова