Законот за амнестија објавен во Службен весник

21.12.2018 14:30

Претседателот Ѓорге Иванов го потпиша Законот за амнестија, и тој од вчера е објавен во Службен весник. Тече рокот од пет дена за пријавување на обвинетите за случувањата во Собранието на 27-ми април минатата година. Законот за амнестија, на 18-ти месецов беше донесен со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“...

Законот за амнестија е објавен во Службен весник на Македонија, откако претседателот Иванов го потпиша Указот за негово прогласување. Tече рокот од пет дена за барањата на обвинетите за случувањата во Собранието на 27-ми април лани, што сакаат да бидат амнестирани. Последниот збор ќе го има судот, по предлог на Обвинителството.

Од Телото за помирување, од кадешто произлезе законското решение, посочуваат дека со ова ќе се откочат реформиските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство во парламентот. 

Законот кој едногласно го изгласаа власта и опозицијата, наиде на реакции од стручната фела. Обвинителката Вилма Рускоска вели дека законското решение не е прецизно и не е исклучена можноста за проширување на обвинението за здружување поради непријателска дејност, но појаснува дека преквалификација на делото нема да има.

Дел од бранителите на обвинетите најавија дека нивните клиенти ќе поднесат барање за амнестија.

 

Игор Панов