Корупцијата и судирот на интереси во еден закон

21.12.2018 15:10

Борбата против корупцијата и судирот на интереси, се вклучени во новото законско решение и доминираше на форумот „Граѓанските организации и медиумите против корупцијата“, организиран од коалицијата за нулта толеранција, финансирано од Европската унија...

Борбата против корупцијата и судирот на интереси, заедно се вклучени во новото законско решение кое што беше во фокусот на форумот „Граѓанските организации и медиумите против корупцијата“ организиран од Коалицијата за нулта толеранција, проект финансиран од Европската унија. Според изготвувачите на законот по препорака на ЕУ е направено ваквото законско решение, кое се очекува да овозможи поефикассно справување со корупцијата и судирот на интереси. За разлика од старото, во новото законско решение се предлага да има јавна опомена, но само за лицата избрани непосредно на избори.

Прифатена е практиката од другите земји, едно лице ќе може да членува само во еден управен одбор, а не како досега да биде во 5-6 одбори. Новиот закон, како еден од условите предвидува претседател или член на Антикорупциска да биде лице кое во последните 10 години не било пратеник, член на Влада, донатор, односно да не вршело функција во политичка партија.

„Се предвидува државната комисија да има пристап до бази на податоци на 17 институции и се прецизираат должностите и роковите за одговор по барањето на Комисијата за потребни информации и податоци со кои располагаат физички и правни лица, органи и институции, други правни лица, вклучително банки и финансиски институции“, изјави Роберт Поповски, министер за транспарентност и комуникации.

„Таа проблематика да се нормира прецизно. Да биде дефинирамно каде вие имате право да одлучувате и таму да немате право да конкурирате или да се изземете од одлучувањето но не смеете и да стопирате субјектите да учествуваат во тој процес“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Не треба само да се говори за овие теми, туку да се дејствува порача бизнис-заедницата барајќи порадикални решенија.

„Јасно е дека има напредок во тие решенија, но не верувам дека до крај ќе ги отстранат сите дилеми. барам некакво порадикално решение и би седнале да разговараме за тоа, затоа што искуствата покажуваат дека тоа тешко ќе оди“, рече Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Проектот е финансиран од ЕУ, а од Брисел пристигнаа и забелешки на предлог-законот во делот за зголемување на бројот на членови на новиот состав на Антикорупциска од 5 на 7, со појаснување дека тоа е неразбирливо, се прави во последен момент и ќе влијае врз ефикасноста на комисијата.

Свето Николовски