ОЈО отвори предмет за додатоците на платите во Судскиот совет
Обвинителство оформи предмет за одлуката, членовите на Судскиот совет да добијат надоместоци на плата во висина од 35%. Се истражува злоупотреба на службената положба и евентуална штета врз буџетот. Синдикатот на УПОЗ најавува кривична пријава против Караџовски...

Oсновното јавно обвинителство по допрен глас оформи предмет за одлуките на судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата за 35% или 21 илјада денари. Се истражува евентуална кривична одговорност преку злоупотреба на службена положба и овластување и нанесена штета врз државниот буџет.
Во меѓувреме, Синдикатот на УПОЗ најави дека в понеделник ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Според УПОЗ, двете одлуки за исплата на додатоци на плата и за ретроактивна важност за септември и октомври се скандалозни и спротивни на законот.
Од Синдикатот на УПОЗ велат дека револтот кај судските службеници е голем и постои можност за штрајк. Од УПОЗ предлагаат да им се вратат одземените пари на судските службеници за време на штрајкот и да се донесат најавените закони за судството.
И министерката за правда, Рената Дескоска рече дека одлуките на судскиот буџетски совет се скандалозни и противзаконски.
Наташа Гркова- Петрушевска
