„Македонисимо“

Маестрален концерт на Симон Трпчевски во Белград

24.12.2018 13:47

Во Белград, концерт на виртуозот на пијано Симон Трпчевски. Во преполната сала, гледачите имаа ретка можност да уживаат со најубавите македонски традиционални мелодии...

Пијанистот со светско реноме, Симон Трпчевски, со својот емотивен проект „Македонисисмо“, приреди во Белград вистински празник на македонската традиционална музика.

Во преполната сала на престижниот „Коларац“, со „Македоноисимо“ во изведба на Симон Трпчевски, гледачите имаа ретка можност да уживаат, преку виртуелната обработка на најубавите македонски традиционални мелодии, главно од играчки карактер, кои специјално за петчлениот камерен состав ги обработи композиторот Панде Шахов.

„Многу ми е мило што сум во Белград, кој е еден голем центар, со голема традиција и гледачите ќе можат да чујат музика која што ја познава и сака и ние ќе им приредиме една многу убава вечер“, изјави Трпчевски, во пресрет на концертот во Белград, со кој за прв пат на Балканот беше промовиран проектот Македонисимо.

И навистина белградската публика уживаше и ја откриваше обработката на Панде Шахов на традиционалните македонски мелодии, кои од класична варијанта, умешно се испреплетуваа во џез и во традиционална музика, според што и сплетот на народните игри во Македонисимо е наречен "Плетенка“.

Невозможниот спој на сето ова, покрај маестралниот Симон Трпчевски на пијано, го овозможија и Александар Краповски на виолина, Хидан Мамудов на дувачки инструменти, Александар Сомов на виолончело и перкусионистот Влатко Нушев, сите специјално за овој концер дојдени во Белград, од европските концертни дворани.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ