Скопје се гуши во смог, надлежните без конкретни мерки
Скопје и натаму се гуши во смог. Викендов високи вредности на ПМ 10 честичките. Граѓаните се жалат на загадениот воздух. Надлежните велат - состојбата се следи. Препорака до граѓаните, без потреба да не излегуваат надвор. Дел од мерните станици и натаму не работат...

Густа магла и енормно загадување. Мерните станици во речиси сите скопски општини го надминуваат дозволениот праг на канцерогени ПМ честички. Освен препораки, надлежните институции без конкретни мерки. Граѓаните се жалат дека тешко дишат, но велат, секојдневните обврски мора да се завршат.
„Едвај се дише. Се движам, работам нема решение. Градските власти треба да најдат решение, да најдат начин како да се исчисти воздухот.“
„Немам коментар, гледате и самите.“
„Ако еден град кој имал 250 илјади жители сега има 800 илјади што да очекуваме повеќе. Страшно е.“
„Не можеш да се заштитиш од ова, нема спас, ни маски ништо не помага, џабе е тоа трошење пари. Како да не излегуваш кога имаш работа, не можеш да не излегуваш“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Поради големата загаденост на воздухот, Министерството за животна средина со препорака, да се користи јавниот превоз, за загревање да не се користи прегорено отпадно масло, обоено дрво и гума.
„Денеска преку нашето министерство до сите институции испратено е дека надминат е прагот на информирање, односно сме во состојба на информирање во кое што стојат оние препораки да не се излегува надвор без потреба, да се користи јавниот превоз, повеќе граѓани да бидат во едно возило, да се почитуваат препораките за хронично болните од институтот за јавно здравје“, изјави заменик- министерот Макрадули.
Загадувањето е проблем со целата држава. Според мерните станици, Кочани е меѓу најзагадените градови на истокот од земјава.
„Има изјави дека Кочани во истокот е најзагаден град, но тоа е заради тоа што само во Кочани има мерна станица и никаде на друго место. Веројатно ако поставиме на друго место ќе имаме и други параметри. Во одредени периоди, загадувањето е малку повисоко, но тоа е далеку од загрижувачките податоци односно од оние што се пропишани од Владата кога ние како локална самоуправа сме должни да преземеме мерки за заштита на населението“, изјави Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Министерството за здравство најави дека ќе се набават маски за заштита на граѓаните. Свесни се дека ова нема да го реши проблемот, но ќе придонесе за ублажување на последиците.
Надлежните институции со препорака до граѓаните, да избегнуваат престој на отворено кога воздухот е загаден неколку пати над дозволените граници. Ова особено важи за децата, повозрасните и хронично болните лица.
Поради густата магла, дел од летовите од Скопскиот аеродром беа откажани или пренасочени.
Андријана Атанасовска
