Промовиран нов портал за отворени податоци
Отворено и транспарентно работење на Владата. Полесен пристап на граѓаните до корисните информации. Промовиран новиот портал за отворени податоци. Целта е да не се крие ништо, а граѓаните да имаат доверба во работата на извршната власт. 2019-та ќе биде година на резултати, велат од Владата.
42 државни институции им ставија на располагање на граѓаните информации, извештаи и статистики од работењето. Овие податоци отсега ќе бидат достапни на сајтот- data.gov.mk за да се знае за што се трошат народните пари.
Пребарувањата засега се одвиваат во осум групи, но платформата, велат надлежните ќе се надоградува. На пример, во Каталогот на Министерството за правда засега има три податочни сетови – регистрите на вештаци и судски преведувачи како и регистар на адвокати кои даваат бесплатна правна помош.
Граѓаните коишто ќе се регистрираат на сајтот, освен да пребаруваат, ќе можат и да остават коментар или да поднесат барање за да добијат некои податоци од јавен карактер.
Анита Димитријевска
