Анализи

Македонските компании со потпросечна профитабилност и продуктивност

24.12.2018 16:01

Анализите покажуваат дека македонските фирми во просек имаат стапка на профитабилност од само 11,7 проценти, што е далеку помала во однос на нивните европски конкуренти. Исто така, тие имаат и пониска продуктивност по вработен. Основна причина за ова се малите инвестиции во иновации и во осовременување на работењето...

За да зајакне соработката меѓу старт ап компаниите и веќе етаблираните фирми, Стопанската комора на Македонија и Здружението „Старт ап Македонијa“ ќе потпишат меморандум за соработка. Целта се заемните придобивки, забрзан раст и зголемена конкурентност за двете страни, велат бизнис-асоцијациите.

Традиционалните етаблирани компании во Европа и во светот, за да ја одржат и да ја подобрат својата позиција на пазарот, решението го бараат во изнаоѓање иновативни концепти поврзани со нивните бизнис-процеси, производи или услуги, и тоа мора да претставува континуиран процес. Од друга страна, стартапите се брзорастечки компании кои длабоко се навлезени во дигитализацијата и флексибилни во користење иновации. Соработката е нужна, но и полезна за двете страни, велат од Стопанската комора,особено за почетниците кои во почетокот тешко се снаоѓаат.

„Приближни се бројките на новоосновани и на згаснати компании на годишно ниво. Според последните објавени податоци за демографијата на претпријатијата од Државниот завод за статистика, доаѓаме до бројка дека од компаниите кои што биле основани во 2011-та приближно 1/3 односно 37,1% од нив се уште биле активни и успешно работеле во 2016-та“, вели Татјана Штерјова, Стопанска комора на Македонија.  

Ако се спореди профитабилноста ќе се види дека стапката на македонските фирми изнесува само 11,7% што е далеку зад европските компании, вели Штерјова. Кога е во прашање продуктивноста по вработен, соодносот е 1 кон 5, во полза на европските фирми, односно додадената вредност по вработен во земјава изнесува 10.659 евра во однос на 50.782 евра во ЕУ.

„Да им се даде на стартапите шанса да ги тестираат своите производи со реални клиенти и пристап на пазари и знаења што го имаат етаблираните компании, а традиционалните фирми да ја добијат таа компетитивна страна, односно дигитализацијата што им недостасува за да бидат доволно иновативни и да бидат конкурентни на светските пазари“, изјави Игор Маџов, Здружение „Сатрт ап Македонија“.

Анализите на угледниот магазин „Форбс“ покажале дека во минатиот век, просечниот животен век на најуспешните компании изнесувал 67 години, додека денеска само 15, што ја наметнува потребата фирмите постојано да инвестираат во иновации и да ја подобруваат конкурентноста.

 

Свето Николовски