Свет

Расте бројот на загинати во катастрофалното цунами во Индонезија

24.12.2018 16:26

Се зголемува бројот на загинати во цунамито во Индонезија. Спасувачките екипи трагаат по преживеани. Сателитски снимки покажуваат дека морското дно се поместило по вулканска ерупција. Властите апелираа до граѓаните да останат смирени, но внимателни. Вулканот не мирува, можна е нова катастрофа.

Над 280 мртви, 1.000 повредени, а шеесетина се водат како исчезнати во цунамито во Индонезија. Покрај човечките жртви, силните бранови уништија и стотици станбени и деловни објекти, оставајќи на улица илјадници луѓе. Спасувачките екипи деноноќно трагаат по преживеани, но операцијата им е отежната поради пустошот по патиштата и непроодноста до најкритичните точки. Црвениот крст отвори јавна кујна за населението во една од најпогодените области Пандегланг.

„Многумина се затрупани под урнатините. Донесовме тешка машинерија, ќе пристигне и дополнителна опрема. Итно ни се потребни пратки со храна и бегалски шатори. Многу патишта се блокирани поради цунамито, паднатите дрвја“, изјави Сутопо Нугрохо, портпарол на Националната агенција за справување со катастрофи.

Претседателот Видодо ги посети најпогодените региони и вети поголем ангажман за заштитата на населението во кризните подрачја.

„Граѓаните да останат смирени, но внимателни, нека не наседнуваат на погрешни информации. Метеоролошката агенција ќе ги известува за ситуацијата. Наредив да се провери опремата за откривање на цунами и нефункционалните делови да се заменат со нови“, изјави Џоко Видодо, претседател на Индонезија.

Ерупцијата на вулканот Анак Кракатау предизвика цунами на крајбрежните области меѓу индонезиските острови Суматра и Јава. Агенцијата за метеорологија, климатологија и геофизика апелираше до локалните жители и туристите да не одат во овие области. Образложија дека нивните механизми за рано предупредување се однесуваат на тектонски, а не на вулкански појави. Според снимките од сателитот Сентинел 1 за набљудување на површината на Земјата на Европската вселенска агенција, причината за цунамито е лизгање на морското дно поради ерупција.

Индонезија е дел од Огнениот прстен, сеизмички и вулкански активен појас во Пацификот. Во септември во цунами предизвикано од потрес од 7,5 рихтери загинаа над 2.000 луѓе. Во 2004 година, моќен земјотрес резултираше со серија високи бранови во Индиски Океан кои усмртија околу 230 илјади лица во 13 земји, вклучувајќи ја и Индонезија.

 

Маја Филдишев