Исплата на преостанати субвенции од лани
Неделава според најавите од ресорното министерство треба да почнат исплатите на преостанатите субвенции. Пари треба да добијат органските производители, сточарите за предаденото млеко, и земјоделците за осигурителните полиси и за отежнати услови за производство...

Обезбедени се 385 милиони денари или над 6,2 милиони евра за исплата на преостанати субвенции за неколку мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година.
Со оваа сума ќе се исплатат субвенции за органско производство, дополнителна помош за производство во отежнати услови, субвенции за литар предадено млеко, за покривање на трошоците за осигурителни полиси до 60 отсто, како и за други мерки од ланската Прогрaма.
Според најавите, парите треба да легнат на сметките на земјоделците во текот на оваа недела.
Досега Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството има исплатено скоро 200 милиони евра, сума во која спаѓаат субвенции по основ на заостанати долгови од 2013- та до 2016- та година како и за мерките од Програми за 2017- та година.
Методија Трајков
