Свет

Католиците и дел од православните го празнуваат Божик

25.12.2018 13:00

Католичките верници, а и православните христијани коишто го следат Грегоријанскиот календар, го празнуваат Божик, денот на раѓањето на Исус Христос. Покрај традиционалните црковни миси, годинава неколку земји орагнизираа и покреативни настани за најмладите. Во критичните региони каде што католиците се малцинство, празнувањето мина со засилено обезбедување. Над 1,3 милијарди луѓе во светот се приврзаници на католичката вера...

Пораки за обединетост, сплотеност, дарежливост и добрина одекнаа од Ватикан, срцето на римокатоличката вера, каде што илјадници верници присуствуваа на мисата на Папата Франциск во базиликата „Свети Петар“. „Духовното над материјалното“ беше главната поента во неговото шесто обраќање „на градот и на светот“ познато како „урби ет орби“.

„Човештвото е алчно. Денеска, многумина наоѓаат значење во поседувањето, во изобилието на материјалното. Малкумина уживаат во луксузна трпеза, а многумина минуваат денови без леб. Алчноста е дел од човековата историја“, рече Папата Франциск, поглавар на Римокатоличката црква.

Празничен дух и во Франција којашто речиси еден месец минува низ турбулентен период и насилни протести кои почнаа поради високите цени на горивото. Десетици припадници на движењето на „жолтите елеци“ излегоа на улиците во Париз, барајќи оставка од претседателот Макрон.

„Процесот трае 24/7. Не само во саботите. Вистинска храброст е да се остане овде. Продолжувам да демонстрирам.“

„Зошто дојдов? Зашто Макрон не сака да даде оставка, а нам ни е доста. Повели, Макрон, доста е од зборување“, велат демонстрантите.

Во Пакистан, под засилено обезбедување, стотици верници на малцинската верска заедница на христијаните во Карачи присуствуваа на полноќната миса. Во последните неколку години, црквите беа честа мета на напади за поголемите празници.

„Ја шириме пораката за мир низ целиот свет. Бог не задржа во Пакистан и затоа мора да се молиме за земјата и за владата, тоа ни е обврска. И лани и годинава имаме големо обезбедување“, изјави Ријаз Масих, свештеник.

За најмладите во неколку земји, Божик доби покреативна димензија. Полициските сили во Перу се маскираа во Дедо Мраз и во тројцата мудреци за да ги развеселат децата.

„Децата ми се насмевнуваат, сакаат да се поздрават со Дедо Мраз, секое дете се радува и токму тоа е нашата цел. Божикниот дух не умира“, вели Марко Антонио Чира, полицаец.

И оваа година, Северноамериканската воздушно-космичка воена команда, позната како НОРАД, ја следеше патеката на санката на Дедо Мраз, традиција која датира од 1955 година, кога дете случајно телефонирало во нивниот центар да постави прашање за Дедо Мраз откако видело реклама во весник со телефонски број.

„Почнавме во три часот изутрината. Операцијата трае 20 часа така што ни се потребни многу луѓе во тимот за да одговориме на телефонските повици. Лани имавме над 126 илјади повици од деца од целиот свет“, изјави Полковник Мери Рикс, војска на САД.

За разлика од поголемиот дел од католичкиот свет каде што Божик се прославува во зимска сезона, жителите на Австралија го прославија Христовото раѓање на плажите.

„Воопшто не ми недостасува Англија. Таму се стемнува брзо, а овде денот трае долго. Убаво, сончево време, имаме пиво, ќе правам мисирка. Ова е вистинското место за овој повод.“

Римокатоличката црква е најмногубројната христијанска црква во светот со над 1,3 милијарди верници.

 

Маја Филдишев