Џафери: Уставните измени ќе се комплетираат до средината на јануари
Претседателот на Собранието верува дека прашањето за уставните измени во врска со договорот со Грција ќе биде затворено до средината на јануари...

На почетокот на февруари претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе ги распише претседателските избори. На 9-ти јануари пак пратениците ќе расправаат за уставните амандмани. За секој може да се дебатира по три дена. Претседателот на Собранието верува дека прашањето за уставните измени во врска со договорот со Грција ќе биде затворено до средината на јануари.
Седницата за уставните измени е свикана за 9 јануари. Очекувањата се до 15 јануари да биде завршена целата постапка и да бидат усвоени амандманите. Ако се раководиме од искуството дебатата не би требало да трае повеќе од пет – шест денови. Но, онака како што е најавено, неприсуството на опозицијата остава можност и таа да заврши и побрзо. Во секој случај тоа прашање ќе биде затворено до средината на јануари. Со тоа се отвора патот двата закони да одат во службен весник, изјави денеска Џафери.
Спикерот Џафери најавува дека по завршувањето на постапката за уставни измени со неговиот потпис до Службен весник ќе ги достави Спогодбата со Грција и Законот за употреба на јазиците. Вели, нема потреба да се договара со шефот на државата Иванов.
Тоа ќе се случи кога ќе ги пратам во Службен весник. Мој потис има. Тоа е одлука, рече претседателот на македонското Собрание.
