Најмалку 43 жртви во нападот во Кабул
Најмалку 43 лица загинаа, а 25-мина биле повредени во напад врз административни згради во Кабул. Тројца напаѓачи се убиени, при што биле ослободени 357 луѓе, кои кои што биле држани како заложници.

Најмалку 43 луѓе загинаа, а 25- мина се повредени во напад врз административни згради во Кабул, во кои се сместени и Министерството за јавни работи и канцеларијата на Министерството за труд, социјални работи, маченици и инвалиди.
Тројца од напаѓачите се убиени во операција на авганистанските безбедносни сили, кога се ослободени 357 луѓе, кои екстремистите ги држеле како заложници. Нападот траел осум часа, а почнал со експлозија на автомобил, по што напаѓачите отвориле оган. На локацијата биле забележани бомбаш-самоубиец и тројца мажи вооружени со пушки и експлозиви.
„Еден од осумтемина бомбаши самоубијци се разнесе на вратата. Другите влегоа во канцеларииите по што почна масакрот. Беа на вториот и третиот кат и убија многу луѓе“, изјави Калилур Рахман, службеник во Одделот за маченици и инвалиди.
„Се искачија на повисоките катови и стрелаа кон вратите и во сите што им се најдоа на патот“, вели Абдул Џалил, службеник во Одделот за маченици и инвалиди.
Авганистанската влада индиректно ги обвини Талибанците за нападот, а ниту една група официјално не презела одговорност.
Портпаролот на авганистанското Министерство за здравство соопшти дека полицијата и медицинските тимови се уште трагаат по тела на местото на нападот.
Ова е 22-иот напад оваа година во Кабул, каде што загинаа над 510 луѓе, а се повредени повеќе од илјада.
Марина Ристова
