По прогласувањето на епидемија на морбили, за четири дена вакцинирани 220 деца
По прогласувањето епидемија на морбили во Радишани, во здравствените домови за четири дена се вакцинирани 220 деца од Скопје. Надлежните очекуваат бројот да се зголемува. Нови случаи на заболени од мали сипаници нема. Во меѓувреме, се отворени дежурни педијатриски пунктови во поликлиниката Бит Пазар, Ѓорче Петров, а почнува да работи и пунктот во Јане Сандански...

Стравот од ширење морбили ги натера дел од родителите да ги послушаат апелите на епидемиолозите и да ги вакцинираат децата, откако здравствените васти прогласија епидемија во скопско Радишани. За четири дена, вакцинирани се 220 деца, надлежните очекуваат бројот да се зголемува. Нови случаи на заболени од мали сипаници нема.
„Никогаш немало дефицит на вакцини, проблемот е во тоа што има големи антивакцинални кампањи кои ги демотивираат граѓаните, односно родителите да ги вакцинираат своите деца. Она што е најважно е тоа што во текот на изминатите четири дена во пунктовите на здравствените домови во Скопје кои се за вакцинирање на децата, веќе се вакцинирани повеќе од 220 деца кои што биле невакцинирани, а одредени ја примиле и ревакцината“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом – Скопје.
Тимовите за имунизација ги проверуваат вакциналните картони на невакцинираните деца. Опфатот е намален, а тоа може да предизвика ширење на заразни болести.
Од идната година, ќе почнат да функционираат три нови дежурни педијатриски пунктови во поликлиниката на Бит Пазар, во Ѓорче Петров и во Јане Сандански.
„Тие ќе бидат и во постојана комуникација со дежурните на педијатриската клиника и болницата во Козле и по потреба за потешките случаи, на оние на кои им е потребна болничка нега ќе бидат препраќани во овие две институции. На овој начин сметаме дека значајно ќе се олесни пристапот кон здравствена заштита за децата, навистина е мал бројот на педијатри насекаде низ државата, исто така и во Скопје, ние преземаме мерки тој број да се зголеми, но тие мерки бараат време“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Пунктовите ќе работат во ноќните часови и во нив ќе се извршуваат и лабораториски анализи.
Андријана Атанасовска
