ЗНМ

Тројно намален бројот на напади врз новинари во последната година

25.12.2018 14:51

За три пати е намалена бројката на напади извршени врз новинари во последната година. Ова го покажува годишниот извештај што го изработи ЗНМ. Истиот покажува и дека половина од новинарите примаат плата што е под државниот просек...

Од 59 регистрирани напади на новинари, само два добиле судски епилог. Ова го покажува последниот извештај на ЗНМ. Добрата вест, велат од здружението е што бројот на напади тројно се намалил изминатава година. Во извештајот стои дека нема подобрување во позицијата на новинарите во редакциите, половина од нив земаат плата под државниот просек.

Кога станува збор за судските постапки за клевета и навреда, од Здружението наведуваат дека процесите во просек траат по две и пол години. Во пресудите никогаш не бил досуден бараниот износ за надомест на штета. Законот најмногу го прекршувале уредници и сопственици на портали и медиуми.

Измените на изборниот и на законот за финансирање на политичките партии ќе имаат негативно влијание врз слободата на медиумите, оценуваат од ЗНМ, затоа што парламентарните партии, како што велат, трошат јавни пари за политичка пропаганда за време на избори и така ја купуваат наклонетоста на медиумите.

 

Анита Димитријевска