Аграр

Земјоделците можат да поднесуваат барања за субвенции на каматите на банкарските кредити

26.12.2018 10:50

Земјоделците можат да поднесуваат барања за субвенционирање на каматите на банкарските кредити. Ова право можат да го искористат само оние кои користеле средства од ИПАРД програмата. Субвенцијата е 50 проценти од висината на камтната стапка која не смее да биде поголема од 8 проценти.

Сите правни и физички лица кои по 25- ти декември 2016- та година, користеле средства од ИПАРД програмата и подигнале банкарски кредит, ќе може да добијат финансиска помош во висина од 50 отсто од каматната стапка на годишно ниво за период од 10 години.

Помошта е наменета за кредити кои имаат годишна каматна стапка во висина до 8 проценти. Услов е кредитот да не е повисок од 500.000 евра во денарска противвредност, утврдена на денот на склучувањето на договорот за кредит.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу 2 поединечни барања по различни мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018-та година.

Сите кои ги исполнуваат условите можат да ги поднесуваат барањата по електронски пат на веб страницата на платежната агенција, а ќе се рангираат според датумот и времето на поднесувањето на документите.

Краен рок за аплицирање е до 18-ти јануари 2019-та година.

 

Методија Трајков