Уште едно дете почина во притвор за мигранти
Уште едно дете почина во американскиот притвор за мигранти. Причините за смртта не се потврдени. Ова е втор смртен случај во последните неколку недели. Минатиот месец, американските гранични единици употребија солзавец поради обид за нелегален влез од страна на мигрантска група, во која имаше и деца...

Агенцијата за царина и гранична заштита потврди дека уште едно дете од Гватемала починало во американски притвор за мигранти. Во последните денови, Фелипе Алонзо Гомез покажувал знаци на заболување поради што бил префрлен во Аламогордо, Ново Мексико, каде што му дијагностицирале настинка и грозница. Препишаната терапија не му помогнала, па момчето било вратено во болница каде што починало по неколку часа. Претходно, во притвор почина и седумгодишно девојче од Гватемала.
„Во последните неколку години видовме стотици мигранти кои умираат во притворните центри на САД. Не го знам точниот број, но најтрагично е кога деца умираат таму“, изјави Вероника Ескобар, конгресменка од Тексас.
„Можеле подобро и повнимателно да проверат повеќе медицински документи. Не ги знам сите околности, секоја приказна има две стрнаи. Но од ова што го знам досега, верувам дека работите можеле да бидат поинакви.“
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека секој мигрант ќе остане на мексиканската страна на границата додека не биде донесена судска одлука за конкретните случаи. За тоа време, многумина престојуваат во привремени засолништа во Тихуана и Мексикали.
И покрај заострената политика на САД кон бегалците и мигрантите од Централна Америка, илјадници луѓе и натаму се обидуваат да најдат спас на оваа територија од сиромаштијата и насилствата во родните земји. Карваните минуваат по 4.000 километри за да стигнат до крајната дестинација.
Маја Филдишев
