Македонската филхармонија на турнеја во Кина

26.12.2018 11:16

Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин- диригент со Македонската филхармонија. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус...

Од 26-ти декември до 8-ми јануари, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја оствари долгоочекуваната турнеја во Кина. Како што кажува и насловот на овој грандиозен музички проект - „7 концерти во 7 градови во Кина“, оркестарот на Македонската филхармонија во рамките на двонеделната турнеја ќе одржи седум концерти во седум импозантни концертни сали во: Хохот- во театарот Хохот, Таијуан - во Шанжи театарот, Тангшан - во истоимениот театар, Женгжу - во фасцинантното истоимено здание, како и во театрите во градовите Хенгшуи, Хефеи и Донгуан.

Турнејата во Кина ќе ја предводи маестро Јерухам Шаровски од Израел, кој неколку години наназад е чест гостин- диригент со Македонската филхармонија. Како солисти ќе настапат кинескиот пијанист Хају Жанг, кој ќе го изведува Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Петар Илич Чајковски, како и виртузите на кларинети, браќата Даниел и Александар Гурфинкел, познати како Дуо Гурфинкел, кои беа солисти и на Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија „Точно на полноќ“. На програмите на концертите во Кина се и дела од Гершвин, Бизе, Глинка, Штраус...

„Оваа турнеја е од голема важност за институцијата, бидејќи е прва турнеја во Азија и тоа со целиот симфониски состав“, вели Виктор Илиески, директор на Македонска филхармонија.

„Од контактите кои што ги имаме во Кина, промоторите и менаџерите од оваа турнеја, се очекува да се отворат и дополнителни можности за настапи на Филхармонијата во други азиски држави. Драго ми е што еден од менаџерите беше присутен на отворањето на концертната сезона на Македонската филхармонија и тој беше презадоволен од нивото на филхармоничарите, а тоа е најбитната работа за организирање на вакви комплексни турнеи“, додава Илиески.

Кина во изминатите години бележи огромен подем во развојот на културата. Изградени се голем број на нови концертни сали, а дел од нив важат за најдобрите културни архитектонски зданија во светот.