„Меѓаши“: Секое второ дете страда од респираторни болести поради аерозагадувањето
Последиците од аерозагадувањето најмногу ги трпат децата. Од „Меѓаши“ бараат поактивен однос на пратениците и законски измени во однос на дозволените граници на штетните честички. Не се откажуваат од тужбата за државата, бидејќи како што велат, не се грижи доволно за најмладата популација...

Секое второ дете има респираторни потешкотии предизвикани од аерозагадувањето- велат од детската амбасада „Меѓаши“. Посочуваат дека се регистрираат и срцеви заболувања, како и предвреме родени деца.
Зголемениот број на канцерогени честички во воздухот го доведува во прашање правото на живот- велат од Првата детска амбасада. Бараат пратениците да се фокусираат на намалување на загадувањето, да се изготват законски измени и да се намали дозволениот праг на концентрација на ПМ 10 честички согласно со европски стандарди.
Детската амбасада „Меѓаши“ подготвува и тужба против државата. Оттаму сметаат дека правото на живот на граѓаните е доведено во прашање. Од невладината, пак велат – собранието многу малку се занимава со правата на децата и нивната заштита.
„Собранието на Република Македонија на пленарните седници директно не зборувало за децата, меѓутоа прашањата поврзани со децата ги поставувале преку пратенички прашања. Оваа година поставени се вкупно 300 пратенички прашања, две од пратеничките прашања се однесуваат на мерките за заштита на децата од загадување, поставување на филтри на Југохром“, изајви Јана Земговска, Детска амбасада „Меѓаши“.
Скопје, Тетово и Битола, често се меѓу првите 10 најзагадени градови во Европа.
Андријана Атанасовска
