Истече рокот за поднесување барање за помилување
Во законскиот рок, во Кривичениот суд пристигнале 62 барања за амнестија за собраниските настани. 27 се во Одделението за организиран криминал и корупција и 35 во одделот Кривично- полнолетни. Тече рокот од 5 дена во кој судот и обвинителството треба да решат кој ќе биде амнестиран, а кој не...

Обвинетите Игор Југ, Јане Ченто, Митко Чавков, Игор Дурловски и Душко Лазаров не поднесоа барање за амнестија во врска со собраниските настани од 27-ми април. Адвокатот на поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност вели- законот е селективен, наменски направен за една категорија на обвинети и ја постигнал својата политичка цел.
Оперскиот пејач Игор Дурловски не даде изјава за медиумите, но на својот Фејсбук профил напиша дека продолжува во борбата за докажување на невиноста за обвинението за кое му се суди. Обвинетиот Богдан Илиевски, пак, потврди дека поднел барање за амнестија.
Барањата за амнестија ќе бидат испратени кај обвинителот кој треба да даде мислење. Финалната одлука ќе ја има судот, но засега не е прецизирано дали ќе одлучува судечкиот или кривичниот совет.
Можноста да бидат амнестирани ја користат шеесетина луѓе. Меѓу нив има и обвинети за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, напаѓачот на министерката Шекеринска, како и лица на кои им се судеше за учество во толпа.
Анита Димитријевска
