Катанија

Повеќемина повредени во земјотресот на Сицилија

26.12.2018 14:12

Епицентарот на потресот се наоѓал 170 километри источно од градот Палермо, на длабочина од само еден километар под површина на земјата.

Десетина лица биле повредени, а причинета е и материјална штета во земјотресот со интензитет од 4,9 степени според Рихтер, што синоќа го погоди италијанскиот остров Сицилија. Неколку куќи во провинцијата Катанија биле делумно разурнати, а автопатот што ги поврзува Катанија и Месина е затворен поради оштетување на асфалтот. Епицентарот на потресот се наоѓал 170 километри источно од градот Палермо, на длабочина од само еден километар под површина на земјата.

„Мојот 80-годишен дедо преживеа под урнатините. Ова е чудо, тој повторно се роди“.

„Чудо е како сите сме живи“.

„Мојот автомобил беше во гаражата кога паднаа сите ѕидови и ги уништија автомобилите“, велат жителите.

Најпогодено од земјотресот е селото Флери, каде што се повредени две лица, а црквата била сериозно оштетена. Потресот исто така бил почувствуван во областа Таормина, Рагуза и Сиракуза.

Земјотресот се случи само два дена откако еруптираше Етна, највисокиот и најактивниот вулкан во Европа, што, според властите е поврзано со земјотресот. Сеизмолошката опсерваторија соопшти дека се отворила нова пукнатина на југоисочниот кратер на Етна.

 

Марина Ристова