Политика

За уставните измени засега сигурни 76 гласови

26.12.2018 14:44

Засега се сигурни 76 гласови од пратеници за уставните измени, вели премиерот Заев. Се надева дека ќе биде обезбедено повеќе од двотретинско мнозинство. Шефот на Владата очекува повеќе кандидати за претседател за да можат, како што рече, граѓаните да го изберат најдобриот, а процесот да биде демократски...

Со четворица пратеници помалку, односно со 76-мина, во моментов премиерот Заев оптимистички очекува дека во Собранието со двотретинско мнозинство од пратениците ќе минат уставните измени кои произлегоа од Преспанскиот договор. Додека се чекаат амандмани на амандманите, Заев коментира дека на 9-ти јануари, кога ќе почне последната фаза од уставните измени во пленарната сала на Собранието ќе има 80 пратеници.

Шефот на Владата објави дека дефинитивно нема да се кандидира за претседател на државата. Ја отфрла варијантата дека нема да биде постигнат цензусот за избор на претседател. Очекува повеќе кандидати и демократски процес. Засега не разговарал со своите политички партнери за кандидат од нивните редови, насочувајќи го вниманието на уставните измени.

Освен разрешувањето на двајцата министри без ресор, Заев не планира во скоро време поголема реконструкција на владиниот кабинет.

 

Миле Ристески