Поддршка за 250 компании

До крајот на годината исплата на средствата од Планот за економски раст

26.12.2018 14:50

До крајот на годинава ќе бидат исплатени сите средства од првиот и вториот столб на Планот за економски раст- уверуваат од Владата. Државна поддршка добиле над 250 компании...

До крајот на годинава на сметките на 250 комапнии ќе биде исплатена државната поддршка тешка 35 милиони евра од Планот за економски раст. Проектираните средства за годинава се целосно искористени- тврдат од Владата. Очекуваат в година да имаат сериозен импакт во економијата.

За раст од пет до шест проценти, извозот мора да се зголеми од 54 на 60 до 70 насто. Владата ги охрабри компаниите што добија пари од вториот инвестициски бран од Третиот столб, да бидат извозно ориентирани. 65 кофинансирани проекти ќе инкасираат 800 милиони денари, речиси толку пари е проектирано и самите да вложуваат.

Доминираат фирмите од ИТ индустријата, но според Фондот за иновации, ги има и од енергетиката, машинството, земјоделството. Се очекува да ангажираат над 380 лица, да им исплаќаат плати над просекот во државава.

Со повисок буџет за 37 насто, следната година ќе бидат поддржани домашните и странските инвеститори, а парите од даноците ќе се слеаваат за поддршка на граѓаните во сите категории- убедуваат од Владата.

Очекуваат 2019-тата да биде пресвртница на економските политики, а фискалната политика да обезбеди раст на македонската економија и социјална сигурност што ќе го забрза пристапувањето во НАТО и Европската унија.

Сузана Фиданска- Стоевска