САД

Уште едно дете почина во притвор за мигранти

26.12.2018 14:55

Нови систематски прегледи во центрите за притвор на мигранти по смртта на уште едно дете од карванот од Централна Америка. Се очеква официјален извештај за причината за трагичниот крај на осумгодишникот од Гватемала. И покрај строгите правила од Белата куќа, илјадници во очај се обидуваат да влезат во САД. Претседателот Трамп не отстапува од барањето да се изгради ѕид на границата со Мексико...

Агенцијата за царина и гранична заштита потврди дека уште едно дете од Гватемала починало во американски притвор за мигранти. Во последните денови, Фелипе Алонзо Гомез покажувал знаци на заболување поради што бил префрлен во Аламогордо, Ново Мексико, каде што му дијагностицирале настинка и грозница. Препишаната терапија не му помогнала, па момчето било вратено во болница каде што починало по неколку часа. Претходно, во притвор почина и седумгодишно девојче од Гватемала.

Во последните неколку години видовме стотици мигранти кои умираат во притворните центри на САД. Не го знам точниот број, но најтрагично е кога деца умираат таму“, изјави  Вероника Ескобар, конгресменка од Тексас.

Можеле подобро и повнимателно да проверат повеќе медицински документи. Не ги знам сите околности, секоја приказна има две страни. Но, од ова што го знам досега, верувам дека работите можеле да бидат поинакви.“

И покрај заострената политика на САД, илјадници луѓе од Централна Америка минуваат и до 4.000 километри, обидувајќи се да најдат спас од сиромаштијата и насилствата во родните земји. Голем дел од нив решаваат илегално да ја минат границата, па наместо да стигнат до крајната дестинација завршуваат во притвор. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека секој од нив ќе остане на мексиканската страна на границата додека не биде донесена судска одлука за конкретните случаи. Поради неуспехот да се обезбедат средства за планираниот граничен ѕид, администрацијата во Вашингтон е блокирана и стотици вработени се пратени на принуден одмор.

Не можам да ви кажам кога ќе биде отворена владата. Но можам да ви кажам дека ќе биде кога ќе имаме ѕид, ограда, како и да го нарекуваат тоа. Ќе го спречи приливот на луѓе и на дрога во нашата земја. Во светот постои проблем, тоа е трговијата со луѓе. Работиме за да ги фатиме криминалците, лоши луѓе се, а не можеме да го правиме тоа без бариера и ѕид“, изјави претседателот Трамп.

Трамп очекува 5 милијарди американски долари за изградба на ѕидот на границата со Мексико. До ноември 2020 година, очекува да биде покриени планираните 885 километри долж преминот.

Маја Филдишев