Кулминација на напнатоста во Украина
Кулминација на напнатоста во Украина. Прогласена е општа воена мобилизација како одговор на воените трупи што Русија ги испрати во земјата. Новоизбраниот премиер Јацењук ја обвини Русија за објавување војна.

Кулминација на напнатоста во Украина. Прогласена е општа воена мобилизација како одговор на воените трупи што Русија ги испрати во земјата. Новоизбраниот премиер Јацењук ја обвини Русија за објавување војна.
„Ова е највисок степен на тревога. Ова не е закана, ова е објава на војна. Го повикуваме претседателот Путин да ја повлече својата војска и да ги почитува меѓународните обврски и билатералните и мултилатерални договори меѓу Украина и Русија. Ако сака да биде претседател којшто почнал војна со соседната земја, тогаш е на чекор од целта“.- Арсениј Јацењук, Премиер на Украина
Агенцијата Асошиетед Прес потврди дека стотици војници без ознаки на униформите со воени возила со руски регистарски таблички ја блокирале украинската воена база на Крим. Во еден момент тие се обиделе да го присвојат арсеналот оружје од воената база во Севастопол, но биле спречени од украинската војска којашто направила жив штит околу базата. Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен на состанокот на амбасадорите на НАТО денеска во Брисел изјави дека Русија му се заканува на мирот на Европа.
„Русија мора да ги сопре воените активности и закани. Ние го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, како и правото на украинскиот народ да одлучи за сопствената иднина без надворешно мешање. Ја повикувам Русија да ги намали тензиите“. - Андерс Фог Расмусен
Порака за намалување на напнатоста упати и папата Франциск, којшто ја повика меѓународната заедница да ја поддржи секоја иницијатива за дијалог. Во меѓувреме илјадници луѓе и демонстранти обединети со една порака „Единство“ со меѓународни знамиња излегоа на улиците на Киев.
„Не ги разбирам постапките на Путин. Порано служев во советската армија, и што сега? Треба ли да пукам во моите словенски браќа“? - Демострант
Во Москва, пак се уапсени 70-ина демонстранти коишто протестирале против руската воена офанзива во Украина.
Состојбата во Украина е во центарот на светското внимание. Угледниот Њујорк Тајмс пишува дека новите украински власти мора да се соочат со фактот дека нивните воени сили не се доволно силни, опремени и увежбани за да ја преземат контролата над Крим и да и се спротивстават на руската војска.
Марина Автовска
