Активни вулкани во Индонезија и на Филипини, опасност од земјотреси и цунами
Опасност од земјотреси и цунами поради активност на вулкани во Индонезија и на Филипините. Џакарта ги пренасочува летовите поради заканата од нова ерупција и цунами. На Филипините е прогласена опасна зона околу најактивниот вулкан Мајон...

Предупредувањето за активноста на индонезискиот вулкан Анак Кракатау е зголемено на повисоко ниво поради засилената серија ерупции. Сите летови се пренасочени и воведена е зона на опасност во радиус од 5 километри. Минатиот викенд, вулканот предизвика цунами во кое загинаа стотици луѓе.
„Се надеваме на помош од владата. Очекуваме некакви поправки. Немам каде да одам, немам пари, сѐ загубив во водата.“
„Се плашам дека повторно ќе ни се случи цунами, затоа побегнав во засолниште. Кога и да видам бран, се плашам. А ако врне, ќе се случи поплава. Поради ова, јас и соседите сме постојано во засолништа.“
Локалните бизниси се обидуваат да им помогнат на сограѓаните кои останаа на улица поради природните катастрофи.
„Нашата компанија им помага со чистење на валканите алишта бидејќи во оваа катастрофа немаат доволно време за тоа.“
„Имаме голема помош поради бесплатната услуга. Веќе немам дом и немам каде да ги чистам.“
Активноста на најактивниот филипински вулкан Мајон, што еруптираше двапати во едно деноноќие, предизвика земјотрес. Од кратерот се исфрлаат столбови од пепел, високи и до 600 метри. Во радиус од 6 километри е прогласена зона на опасност. Мајон последен пат еруптираше во јануари, кога над 80.000 жители привремено ги напуштија домовите.
Двата најголеми архипелага во светот, Индонезија и Филипини, се дел од т.н. Пацифички огнен прстен, плоча на дното од Индиски и западниот дел од Тихи Океан, којашто навлегува под Азиската плоча. Нивното движење предизвикува чести ерупции и земјотреси со магнитуда од над 4 рихтери.
Маја Филдишев
