Филипче: Само вакцинирани деца во градинка или училиште, никој нема право да го загрозува здравјето на другите
Половина од децата родени лани не се вакцинирани, соопшти министерот Филипче. Ги повика родителите да ги вакцинираат децата, а ресорите за труд и образование бараат начин имунизацијата да стане задолжителна...

Само вакцинирани деца треба да се запишуваат во градинка или во училиште, никој нема право да го загрозува здравјето на другите- дециден ресорниот министер Филипче. 50 проценти од децата родени минатата година, не се вакцинирани. Министерството за здравство го вкучи арамот поради страв од ширење епидемии. Се повикуваат родителите да ги имунизираат децата.
Претставници од министерствата за здравство, образование и труд и социјална политика бараат начин, вакцините да бидат задолжителни. Според надлежните, намалениот опфат на вакцинирани деца е резултат на антивакциналните кампањи.
„Во прво одделение околу 20 проценти од децата не се вакцинирани, тоа сериозно не загрижува затоа што примовакцината е таа прва вакцина која се прима во најмалата возраст и го создава вистинскиот имунитет. Апсолутно категорично и енергично ќе стоиме на ставот дека децата во градинка и во училиште треба се примаат само вакцинирани. Затоа што никој нема право да го загрозува здравјето на останатите деца“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
За една недела седум случаи на заболени од морбили се регистрирани во скопско Радишани. Здравствените власти прогласија локална епидемија на мали сипаници. Епидемиолозите излегоа со загрижувачки податоци, вакцина не примиле 15 илјади деца од Скопје. Во меѓувреме, договорено е здравствениот систем на земјава да се зајакнува со израелска помош.
Едукација на лекари и медицински сестри, имплементирање на телемедицина со која од терен ќе се овозможува комуникација со болници, едукација во биомедицината, трансплантација и ехо дијагностика - дел од она што е предвидено со меморандумот за соработка.
Андријана Атанасовска
