Пратенички прашања во Собранието

Заев: Ќе побарам од Дескоска во Судскиот совет да го расчисти тврдењето на амбасадорот Бејли

27.12.2018 14:43

Опозицијата обвинува за дипломатски скандал. На пратенички прашања се повикаа на писмото во кое амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, бара од судиите да не се повикуваат на него при носење на судските одлуки. Премиерот Заев одговори- ќе побарам Дескоска во Судскиот совет да го расчисти тврдењето на амбасадорот...

Скандал е, смета опозицијата, писмото упатено од американскиот амбасадор Бејли во кое тој ги повикува судиите да не се повикуваат на него при носење на судските одлуки. Дали Владата ќе преземе мерки да го испита случајот, бидејќи пред амбасадорот да се огласи со писмото го известил и Стејт Департментот, праша пратеникот Антонио Милошоски.

Премиерот Заев рече дека бил загрижен од писмото. Беше дециден дека преку министерката за правда и Судскиот совет ќе биде спроведена истрага за тоа кој го користел името на амбасадорот за изрекување на одлуки и пресуди.

За да си ги вдомите партиските кадри, измисливте заменици на директорите во јавните претпријатија, рече Влатко Ѓорчев. Смета дека на овој начин непотребно ќе се одлеваат пари од граѓаните. Целта е да се зголеми ефикасноста на претпријатијата, одговори премиерот.

На седницата прашања и за квотите за извоз на челик, за прислушувањето во јавното обвинителство кое сѐ уште нема епилог, но и за социјалата и културата.

Инаку, собраниската Комисија за политички систем, денеска ги усвои измените на Кривичниот закон кои се однесуваат на намалувањето на казната за дела поврзани со злоупотреба на јавните набавки. Со овие измени, обвинетите можат да минат и со условна казна. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше на комисиската расправа.

 

Миле Ристески