Трамп во ненајавена посета на американските војници
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс соопшти дека Трамп, во друштво на првата дама Меланија ги посетиле воените трупи и командантите за да им се заблагодарат за нивниот ангажман и за успешните мисии, и да им ги честитаат Божикните празници. Потегот доаѓа по одлуката за повлекување на САД од Сирија

Претседателот на САД ненајавено, на враќање од Ирак ги посети американските војници во Германија. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс соопшти дека Трамп, во друштво на првата дама Меланија ги посетиле воените трупи и командантите за да им се заблагодарат за нивниот ангажман и за успешните мисии, и да им ги честитаат Божикните празници. Потегот доаѓа по одлуката за повлекување на САД од Сирија. Трамп посочи дека американското присуство во земјата не требало да трае долго време и дека целта на САД била борба против Исламската држава, а не изградба на земјата.
„Уништивме речиси 99 насто од калифатот. Време е нашите војници да се вратат дома. Им реков дека имаат уште 6 месеци и потоа ќе си заминат од Сирија. Долго време го велам тоа“, рече претседателот Трамп.
На прашањето дали планира да ги повлече американските сили и од Ирак, Трамп рече дека нема такви планови, односно дека сака Ирак и натаму да служи како база од која може да се спроведуваат напади врз екстрмистите во Сирија, доколку е тоа потребно.
„Ако се случи нешто со Исламската држава, нешто што нема да ни се допадне ќе ги нападнеме брзо и остро за да не знаат што им се случило“, нагласи Трамп.
Меѓудругото, Трамп додаде дека Турција се согласила да ги елиминира остатоците од Исламската држава во регионот. Одлуката за повлекување од Сирија ги изненади и советниците на Трамп за национална безбедност и сојузниците, а потоа следуваше оставката на министерот за одбрана, Џејмс Матис.
Марина Ристова
