Свет

Сирија: Воените сили влегоа во Манбиџ

28.12.2018 12:58

Сириската војска влезе во Манбиџ- стратегиски град што го контролираа курдските сили. Медиумите објавија дека таму веќе биле кренати сириски знамиња. Курдската единица за заштита на народот го повика сирискиот претседател Асад да ја спречи турската инвазија, откако Ердоган се закани со операција во северна Сирија...

Државната агенција „Сана“ објави дека сириската војска влегла во стратешкиот град Манбиџ, кој е под контрола на Курдските сили. Веста доаѓа откако курдската оружена група ги повика владините сили да се ангажираат на север во земјата и да помогнат во спротивставување на можна труска офанзива.

Меѓудругото агенцијата објави дека во Манбиџ биле кренати сириски знамиња. Војската ќе ја гарантира целосната безбедност на сите сириски и други граѓани во таа област.

Курдската единица за заштита на народот го повика сирискиот претседател Асад да спречи турска инвазија, откако претходно претседателот на Труција, Ердоган рече дека ќе почне операција источно од реката Еуфрат во северна Сирија.

САД ја поддржуваат Курдската партија за заштита на народот која ја контролира областа, и која се бореше против групата Исламска држава на Ирак и Левант. Од друга страна, Анкара ја смета групата за терористичка организација.

САД и Турција во јуни постигнаа договор за повлекување на курдските сили и да се воспостави локална управа во Манбиџ. Веднаш потоа турските и американските сили спроведуваа координирани патроли.

Американскиот претседател Трамп неодамна најави повлекување на американските војници од Сирија. Не е јасно дали војската се повлекла од таа област или сѐ уште се активни.

Владата на Асад го поздрави потегот на курдските групи да се вратат под закрила на државата, но додадоа дека нема да ја разгледуваат опцијата за автономија на таа област, што е главното барање на Курдите.

Русија го поздрави влегувањето на војската во Манбиџ. Портпаролот на Кремљ, Песков истакна дека тоа ќе помогне во стабилизирање на ситуацијата, и дека е позитивно тоа што се шири зоната под контрола на владините сили.

 

Марина Ристова