Јавен сервис

МРТ- 74 години во етерот

28.12.2018 13:15

28-ми декември 1944-та година е основано Македонското Радио. Овој датум се смета и за официјален почеток на функционирањето на Македонската Радио- телевизија. Пред 54 години Телевизија Скопје во зградата во Нерези го емитуваше првиот телевизиски Дневник. Од 1993-та, националниот јавен сервис е активен член на Европската радиодифузна мрежа...

„Зборуе Радио Скопје“ - одекна пред седум децении. Тогаш за првпат во етерот се слушна македонскиот јазик. Првиот телевизиски Дневник пак, се случи пред 50 години во зградата во Нерези. Оттогаш многу работи се променија. Се променија условите за работа, дојде и новата технологија, се менуваа вработените, новинарите, уредниците, снимателите, монтажерите, сите тие го носеа товарот на јавниот сервис.

Со гордост се присетуваат на златните години на МРТВ, но и на поновото време кое донесе многу предизвици и премрежја. Новинарите особено се горди што се дел од јавниот сервис кои, како што велат, и во добро и во лошо останаа достојни на задача, но и станаа пример за идните генерации. Сите политичко- општествени настани беа овековечени на филмска лента, информативната редакција го понесе товарот на сите државни настани.

Спортските успеси, пак, беа во живо пренесувани на јавниот сервис, заедно се радувавме на сите победи. Забавни, музички, образовни и едукативни емисии со години беа на екраните, тие станаа синоним за Македонската Радио- телевизија. Накратко, нашите новинари и екипи беа насекаде, заедно со граѓаните и во успесите и во поразите. Колегите кои неуморно работеа сиве овие години се дел од мозаикот кој камен по камен го градеа, таму ги оставаа својата душа, енергија, време и сила.

Покрај останатите содржини Македонската радио и телевизија е единствената која емитува програма и за лицата со оштетен слух.

Од 1993-та, националниот јавен сервис е и активен член на Европската радиодифузна мрежа. МРТ денеска емитува програма на девет јазици на четири канали.

 

Викторија Милевска