Годишно обраќање на претседателот

Иванов: Македонскиот јазол не може да се пресече, внимателно треба да се разврзува

28.12.2018 14:47

Македонскиот јазол не може да се пресече, туку внимателно треба да се разврзува, бидејќи во спротивно, се дели македонскиот народ. Во Собранието новогодишно обраќање на претседателот Иванов. Во говорот, шефот на државата се осврна на спогодбата од Преспа и за уставните измени. Македонскиот претседател смета дека Пандорината кутија е отворена и секој си зема за право да ги негира македонскиот јазик и националниот идентитет. На моменти, говорот на Иванов прекинуван...

Од заробена, сега сме уценета држава. Република Македонија се соочува со внатрешни и надворешни ризици за нејзиниот суверенитет и интегритет, но и по нејзината независност, рече во годишното обраќање пред пратениците, претседателот Иванов. Во однос на актуелната состојба, тој се наврати на делото на првиот германски амбасадор во земјава, Ханс Лотар Штепан за балканските сојузи и македонскиот јазол. Тој според Иванов мора внимателно да се одврзува.

„Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна“, рече претседателот Иванов во обраќањето прад пратениците.

Преспанската спогодба според Иванов ѝ става крај на државата. Што се однесува до идентитетот, тој праша со што е заштитен македонскиот јазик, дали со укинување на народот, тој ќе постои и натаму?

„Актуелната власт почна да се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат пресија врз македонскиот идентитет“, нагласи претседателот Иванов.

Народот сепак, со бојкот ја отфрли спогодбата од Преспа, рече Иванов, и иако во демократијата тоа значи прекинување на процесот, рече Иванов, кај нас власта слободно ги толкува и Уставот и законите, се релативизираат придобивките на АСНОМ и македонската државност. Претседателот се наврати и на договорите со Бугарија и за Тиранската платформа, со кои се оспорува историјата и се блокираат институциите. Тој одново се наврати на договорот од Преспа и на реформите кои не се исполнуваат.

„Многу наши странски партнери не уверуваа дека Спогодбата од Преспа ќе ја отвори вратата за членство во Европската Унија и НАТО. Но, чудно е што некои од нив премолчуваат дека дури и да се отвори вратата на интеграциите, останува спуштена железната решетка на реформите. Преспа нема да ја крене таа решетка. На јулскиот самит Европската Унија јасно укажа на потребата од реформи. А реформите се долг и напорен процес“, истакна претседателот Иванов.

Ивнаов потсети и на исфрлањето на етничката припадност од претстојниот попис со кој се обезвреднуваат и македонскиот народ, но и Охридскиот договор. Според Иванов сѐ уште се користат удбашките методи, зашто според него, никогаш не била прогласена воена и вонредна состојба, потсетувајќи на настаните од 27-ми април.

Неколкупати исвиркуван од пратениците од власта, без ДУИ во Собранието, Иванов им порача дека ја покажале политичката култура пред дипломатскиот кор. Сепак, се надева дека собраниското мнозинство ќе ја отфрли спогодбата од Преспа.

„Народот не само што го одбра, туку и го одбрани името на својата држава, а тоа име е Република Македонија. А јас како нејзин Претседател останувам да ја бранам волјата на народот и од тоа не мислам да отстапам“- нагласи претседателот Иванов.

 

Зоран Богатинов