Кај дивите свињи во Македонија утврдена е трихинелоза
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека е утврдена болеста трихинелоза кај дивите свињи на територијата на речиси целата држава. Оваа болест ја има во регионот, но граѓаните не треба да бидат загрижени бидејќи месото во продавниците е безбедно- тврдат од Агенцијата. Се препорачува термичка обработка на месото од дива свиња од најмалку една минута на 60 степени...

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека е утврдена болеста „трихинелоза“ кај дивите свињи на територијата на: Валандово, Ново Село, Радовиш, Крива Паланка,Тетово и Битола. Оваа болест е присутна и во регионот. Ја има во: Бугарија, Србија, Хрватска, а во некои од нив е откриена и кај домашните свињи.
„Апелираме ловците од отстреланите диви свињи задолжително да достават примерок на лабораториско испитување за присуство на трихинела во месото. Одгледувачите на свињи за домашна употреба свињите да ги колат во одобрени кланици за таа намена, каде што ќе се изврши преглед на месото на присуство на трихинела“, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Доколку колењето не се врши во одобрен објект се препорачува да се земат мостри од месото и да се достават до најблиската овластена лабораторија. Трихинелозата е многу продорна и во грам заразено месо може да има неколку стотици ларви, можат да преживеат подолго време по угинувањето на животното и се активни со години, предупредува Атанасов.
Граѓаните не треба да бидат загрижени затоа што месото во продавниците е безбедно велат од Агенцијата ,но превентивно се препорачува термички третман пред негово консумирање.
„При подготовка на месото се препорачува термички третман,односно производите од месо да се третираат најмалку една минута на температура од 60 степени целзиусови“, вели Атанасов.
На секоја фарма се почитуваат предвидените биосигурносни мерки и затоа нема појава на трихинела кај нив, вели Атанасов. Тој тврди дека во земјава нема африканска свинска чума , а се уште е активна забраната за увоз на свинско месо од Бугарија. Превентивно од билкособирачите било побарано доколку забележат угинатата дива свиња веднаш да ја известат Агенцијата за храна и ветеринарство.
Свето Николовски
