Политика

Последна фаза од процесот за промена на Уставот

09.01.2019 16:55

Последна фаза од процесот за промена на Уставот. Собраниската седница почна доцна попладнево. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се во салата. Лидерот на партијата, Христијан Мицскоски ја обвини Владата дека спроведува политика која нема легитимитет од граѓаните. Рече дека единствено што им преостанува е отпорот, по што со неговата пратеничка група излезе на протест...

Додека трае финалната дебата за уставните измени во кои не учествува опозицијата, лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика граѓаните на мирни и достоинствени протести пред Собранието. Со уставните измени се нанесува тешка неправда и се прави огромна штета на државата. До промена на уставното име се доаѓа со пазарења, драконски уцени и масовна злоупотреба на обвинителството и судскиот систем, рече Мицкоски.

И покрај разговорите на премиерот Зоран Заев со пратениците со цел обезбедување мнозинство во Парламентот, пратениците на СДСМ се убедени дека двотретинско мнозинство е веќе постигнато.

Костадин Костадинов реагирајќи на изјавата на Мицкоски вели дека тој и ВМРО- ДПМНЕ манифестираат типично антизападно однесување и со тоа се загрозуваат највисоките државни интереси, членството во НАТО и ЕУ.

За изгласување на уставните амандмани е потребно најмалку 80 гласа „за“. Сепак, тие нема да имаат важност доколку грчкиот Парламент не го ратификува Договорот од Преспа.

 

 

Миле Ристески