,,Недостигот на стручен кадар најголем проблем за бизнисот “
Државната статистика пресметала дека 15 од 23 индустриски гранки во преработувачката индустрија забележале раст во просек од 5,2% за 11 месеци од 2018, споредено со истиот период претходната година.

Производството на машини и уреди било зголемено за 16,3%, на моторни возила за 27,9, електрична опрема за 14, фабрикувани метални производи за 11,5,а на фармацевтски производи за 6,8%. Забележале пад производството на облека и на пијалаци. Електрометалната и прехрамбената индустрија учествуваат со дури 81,3% во преработувачката индустрија.
Даниела Михајловска-Василевска-Стопанска комора на Македонија изјави:
,,Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производство имаат: недостигот на квалификувана работна сила со 28,6%, недоволната домашна побарувачка со 16,2% и недоволната странска побарувачка со 15,7%.“
За потребите од стручен кадар кај компаниите била направена анализа и тука воопшто нема промени, велат од Комората, набројувајќи ги препораките кои треба да овозможат подобрување на состојбата.
Борис Тримчев-Стопанска комора на Македонија изјави:
,, Да се зголеми атрактивноста на стручното образование и обука за запишување на учениците во побаруваните занимања, треба да се изградат силни механизми кои ќе ја засилат и подобрат финансиската поддршка во прв план на учениците во текот на нивното школување.Потребно е да се воведат стимулациски мерки за бизнис секторот заради негова поголема вклученост и соработка со средните стручни училишта.“
Бизнисот бара воведување на дуалното образование, опремување на средните стручни училишта со лаборатории и опрема, подобрување на практичната работа, но и мотивирање на наставниците и на фирмите да ги користат успешните искуства, промовирани од странските инвеститори.
Свето Николовски
