Изгласана довербата на грчката Влада со 151 глас
Владата на Грција ја доби довербата од 151 пратеник во Парламентот.

Премиерот Ципрас сега го насочува вниманието кон ратификацијата на договорот од Преспа. Оваа дебата во Законодавниот дом се очекува да почне идната недела. Непосредно пред гласањето за доверба, Ципрас ги извести пратениците дека Владата ја добила вербалната нота од македонското МНР, во која се наведува дека се исполнети обврските од Договорот, со објаснување дека македонското државјанство не се однесува на етничката припадност и дека македонскиот јазик е дел од словенската група јазици.
Изјава Алексис Ципрас - премиер на Грција
„Парламентот даде глас на доверба за стабилност, даде глас на доверба за напорите за враќање на меѓународниот кредибилитет на земјата. Владата, која веќе ја промени Грција, ќе продолжи до завршувањето на нејзиниот уставно-одреден мандат со единствен критериум - потребите и интересите на грчкиот народ, потребите и интересите на Грција“
Против договорот од Преспа ќе гласаат пратениците од опозициската „Нова Демократија“. Лидерот Мицотакис побара од Ципрас да не се брза со „Преспанскиот договор“, при што доби покана од грчкиот премиер за ТВ дуел. Усвојувањето на Преспанскиот договор зависи од гласовите на помалите партии во грчкиот парламент. Лидерот на „Потами“, Ставрос Теодоракис не потврдил дали неговите пратеници ќе дадат поддршка. Ципрас во моментов може да смета на гласовите од „Сириза“ и четворица независни пратеници, иако двајца пратеници од „Сириза“, Горгос Амурас и Григорис Псаријанос се закануваат дека нема да гласаат за Преспанскиот договор и дека ќе ја напуштат партијата. За в недела во Атина се закажани масовни протести против Преспанскиот договор, а на северот на земјата веќе се уапсени десетина луѓе поради закани врз пратеници кои ќе гласаат „за“ договорот.
