БРЕГЗИТ

Историски пораз, па победа на Меј во парламентот

17.01.2019 14:13

Британскиот парламент реши да и даде доверба на премиерката Меј иако нејзиниот договор за Брегзит беше блокиран од мнозинството во долниот дом. Нејзиниот мандат беше поддржан од 325 пратеници, додека 306 гласаа за недоверба... Разговорите со политичките партии продолжуваат со цел да си го обезбеди потребното мнозинство во парламентот...

По поразот на договорот за Брегзит, британската премиерка Тереза Меј го преживеа гласањето за недоверба во Парламентот, повикувајќи ги политичарите да ги остават на страна своите лични интереси, за да биде најден излез од ќор-сокакот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ. Изрази разочараност од тоа што лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин досега не разговарал со неа за Брегзитот. По неприфаќањето на нејзиниот договор за Брегзит во Парламентот, Меј разговараше со претставници на партии од Шкотска и Велс, а разговорите продолжуваат и во наредниот период за да се обезбеди мнозинство во Парламентот за усвојување на Договорот за Брегзит.

Тереза Меј - премиерка на Обединетото Кралство

Мнозинството од народот сака да го спроведеме Брегзит и да зборуваме за прашањата кои им се важни. Но договорот на кој работев со Унијата не беше прифатен од голем дел од пратениците. Верувам дека ми е должност да им дадам насоки на Британците за излез од ЕУ, и така и ќе постапам.

Лидерот на опозицијата Корбин ја обвини премиерката за водење на т.н. „зомби влада“ и побара да бидат распишани нови избори.

Џереми Корбин - лидер на опозицијата

Владата мора еднаш засекогаш да ја отстрани можноста за катастрофа од сценарио без договор и сиот хаос кој би произлегол од тоа.

ЕУ сѐ уште му остава простор на Лондон да донесе едногласна одлука за разделбата со Брисел. Според кандидатот на Европската народна партија (ЕПП) за нов претседател на Еврокомисијата, Манфред Вебер, не е исклучно ни пролонгирање на процесот доколку биде предложен концизен план.

До 21 јануари, Меј мора да претстави нов план за излез од ЕУ. На располагање има неколку опции: од Брегзит без договор до одложување на датумот на излезот од ЕУ.

Поради несогласувањата околу ова прашање, Британија се соочува со најголемата политичка криза во последните 50 години. Во проектот за ЕУ, Обединетото Кралство се вклучи во 1973 година.