Нов закон за фитофармација
Со новиот закон за фитофармација кој е во постапка на донесување се планира да се стави ред во употребата на пестицидите. Ќе се менуваат и условите за работењето на земјоделските аптеки, односно лицата кои работат во нив ќе треба да имаат сертификат за обуки и за положен државен испит.

Со новиот предлог Закон за фитофармација за првпат се дозволува законска употреба на живи организми во борба со болести и штетници, како на пример инсекти и други животни кои се хранат со штетниците, а не ја загрозуваат животната средина.
Се регулира и се дава можност за употреба на овие живи организми и на оние култури кои досега не беа опфатени со законот, како што е магдоносот, аспарагусот, морковот и лукот за кои досега не постоеше соодветна заштита од болести и штетници поради што земјоделските производители трпеа огромни штети.
Се менуваат и условите за работењето на земјоделските аптеки и се воспоставува и законски основ за континуирано следење на безбедноста на храната и храната за животни во растителното производство.
За првпат ќе се спроведува сертификација, обука и полагање на државен испит на советниците и лицата вработени во земјоделските аптеки, со што се гарантира стручноста на кадарот.Продавањето на многу опасни хемикалии кои се користат како фитофармацевтски производи во земјоделските аптеки за прв пат ќе се забрани. На овој начин се става ред во слободната трговија на препаратот ЛАНАТЕ и други пестициди со кои се трујат домашните миленичиња и бездомните животни.
Методија Трајков
