Нова битка меѓу Трамп и Пелоси
Белата куќа и Конгресот во нов судир поради затворањето на повеќе агенции на владата на САД. Покрај блокадата на службите, лидерот на САД Трамп и шефицата на претставничкиот дом Пелоси успеаја да си попречат и закажани настани. Делумната парализа на работата на институциите не го опфаќа Пентагон. Претставена е нова стратегија за одбрана чијшто домен ќе биде и вселенскиот простор.

Нова битка во речиси едномесечната војна меѓу Белата куќа и Конгресот на САД. Претседателот Доналд Трамп, преку писмо ја информираше шефицата на Претставничкиот дом Ненси Пелоси дека се откажува нејзиното еднонеделно патување во Белгија, Египет и Авганистан поради неработењето на владините служби. Претходно, од истите причини, Пелоси му прати допис на Трамп во кој му предложи да го одложи традиционалното годишно обраќање до нацијата на 28 јануари, потенцирајќи дека тајната служба и Министерството за внатрешни работи немаат финансии, па не се во состојба да ја гарантираат неговата безбедност. Поради блокадата е откажана и посетата на делегацијата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Рик Скот • Сенатор на републиканците
Ненси Пелоси треба да остане овде и да го реши проблемот. Сите имаат одговорност, а таа не презема ништо за да ја финансира границата. Дали за некого е логично тоа? -Не е! Нека остане овде додека не се среди проблемот.
Марк Ворнер • Сенатор на демократите
Ако некој друг го направеше ова пред патување на претседателот, ќе беше прекршување на законот, политиката и на процедурата. Не знам зошто постапката на претседателот не е истиот прекршок.
Пентагон е една од агенциите кои имаат загарантиран буџет за 2019 година, така што блокадата нема директно да влијание врз Министерството за одбрана. Претставувајќи ја новата стратегија за противракетна одбрана, која ќе се проширува и кон вселената, Трамп изрази стопроцентна поддршка за НАТО, но повтори дека земјите-членки треба да ги зголемат своите воени трошоци.
Доналд Трамп • Претседател на САД
Вселената е новиот фронт за војување, на чело со единицата на Вселенските сили. Од мојот претстоен буџет ќе се инвестира во космички систем за одбрана од проектили. Ние ќе ги штитиме овие богати земји, и чест ми е да го правам тоа, но многу од нив се толку многу богати што можат многу лесно да ни платат за тоа што ги чуваме.
Набиена агенда и во надворешната политика. Во Белата куќа се прават подготовки за наредната средба на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Јонг ун. Во посета на Вашингтон е шефот на северокорејската разузнавачка служба Ким Џонг-Чол за да ги договори деталите со американскиот државен секретар Мајк Помпео. Првата средба меѓу Ким и Трамп се одржа лани во Сингапур, кога беше договорена денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
