Одлука за избор на членовите на антикорупциска
Да има најмалку десет години работно искуство по завршување на високото образование, од кои најмалку осум години во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување, да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност и во изминатите десет години да не бил пратеник во Собрание, член на Владата, донатор на политичка партија или да не вршел функција во органи на политичка партија.

Ова се дел од условите, согласно новото законско решение, што треба да ги исполни претседателот на Државната комисија за спречување на корупција.
ДКСК не функционира од март минатата година
Силно регулативно тело во областа на борбата против корупцијата е повеќе од потребно со оглед на тоа што борбата против организираниот криминал и корупцијата е сферата во која најмногу треба да се направи и сето тоа во период кога Македонија очекува напролет да добие позитивен извештај од Европската комисија за отпочнување преговори
Со прифатените амандмани нема промени во проширената надлежност на комисијата, на која инстистираше власта, но сепак се прават измени во однос на начинот на кој се пријавува незаконско финансирање на политичките партии, а затворено е и прашањето за директен увид во сметките на носителите на јавни функции. ДКСК ќе има право на директен пристап до банкарските сметки, но и во над 60 други бази на податоци, но и тука власта прифати одредени измени во однос на првичното решение.
Со законското решение предвидено е ДКСК да има претседател и шест членови.
Новини има во изборот на членовите и претседателот, односно се воведува поголема транспарентност. Нив ги именува Собранието за период од пет години, без право на повторен избор. Собранието распишува оглас, а собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во рок од десет дена од огласот формира Комисија за селекција на кандидатите.
Во рок од три дена од истекот на рокот за пријавување Комисијата за селекција врши проверка на исполнетоста на условите и утврдува листа на пријавени кандидати, која потоа се објавува на веб страницата на Собранието веднаш, а најдоцна во рок од еден ден од денот на нејзиното утврдување. Во рок од пет дена од објавувањето на листата се организира интервју на кандидатите, кое се емитува на собранискиот канал. На интервјуто е превидено учество на претставници на Народниот правобранител, МАНУ, Интеруниверзитетската конференција, на здруженија на новинари, здружение или фондација во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или добро управување.
Во Преодните и завршните одредби на собранискиот спикер му се дава можност да го крати рокот за избор на составот на Комисијата.
Се зголемуваат и надлежностите на Антикорупциска. Комисијата со новото законско решение води постапка за контрола на финансирањето на политичките партии.
Комисијата меѓудругото покренува иницијатива пред надлежните органи врз основа на извештаи на Државниот завод за ревизија, ја евидентира и следи имотната состојба и интересите во постапка согласно овој закон, изготвува каталог на подароци.
Во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на политичка партија, Државната комисија по сопствена иницијатива или по иницијатива од државни органи, политички партии или здруженија и фондации кои работат во областа на спречување на корупцијата, владеење на правото или доброто управување може да донесе решение за отпочнување постапка за испитување на финансирањето на политичка партија. Тука е прифатен аманманот на ВМРО-ДПМНЕ и е изменето првичното понудено решение, според кое Антикорупциска можеше по соствена или по иницијатива на кое било физичко или граѓанско лице да почне постапка.
Седниците на Комисијата се јавни, со исклучок кога јавноста може да биде исклучена кога се постапува по предмети кои содржат класифицирани информации и податоци кои се заштитени со закон.
Антикорупциска за својата работа ќе може да бара податоци од различни институции, меѓу кои и од банки и други финансиски институции и пристап до бази на податоци.
Избрано или именувано лице, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, именувањето, назначувањето односно вработувањето поднесува изјава за имотна состојба и интереси.
Се заштитуваат и медиумските работници. Во членот 68 од законското решение се забранува каква било присилба, спречување или влијание на друг начин врз средствата за јавно информирање да објавуваат или да не објавуваат информации за случаи на корупција и судир на интереси. Новинарот има право на непречен пристап до сите извори на информации во согласност со закон. Никој не може да ја исклучи јавноста од расправата за корупција и судир на интереси пред надлежен орган или правно лице, освен кога се работи за претходна постапка што е прогласена за доверлива. И никој не може од новинарот што објавил информација за акт на корупција и за судир на интереси да бара да го открие изворот на информацијата.
Ирина Гелевска
