ДАВОС

Клучни лидери отсутни на светскиот економски форум

21.01.2019 14:12

Над 3000 припадници на политичката и економската елита, со исклучок на лидерите на петте постојани членки на советот за безбедност на ОН, се дел од годинашниот светски економски форум во Давос.... Главна тема е архитектурата на меѓународната соработка во четвртата индустриска револуција... Форумот трае од 22 до 25 јануари... И овој пат, се одржаа протести против светската економско-политичка елита....

Годинашниот Светски економски форум (WEF) во Давос без дел од клучните глобални играчи. Покрај рускиот и кинескиот лидер, во Швајцарија не допатуваа, ниту  американскиот ниту францускиот претседател. Трамп го оправда отсуството со проблемите околу блокадата на владата во Вашингтон, Макрон е преокупиран со протестите на „Жолтите елеци“, а британската премиерка Тереза Меј останува дома поради притисокот за решавање на застојот за Брегзит. Трговските војни, кибернетичките напади, климатските промени, зголемените тензии меѓу велесилите, глобализацијата и дигитализацијата на модерното време се меѓу главните теми на самитот, наречен „Глобализација 4.0 – Обликување на светската архитектура во време на четвртата индустриска револуција“.

Дејвид Ејкман • Главен претставник на СЕФ, Кина
Првата глобализација беше во знак на нацијата, па во наредниот бран се активираа корпорациите, па потоа поединци преку социјалните медиуми се појавија во третиот бран. Сега сме во нова фаза во која сфаќаме дека глобализацијата не ги оствари сите очекувања кои ги ветуваше. Светот е посложено место во кое се зголемува геостратегиското натпреварување.  Сега сме во уникатна ситуација. Институциите кои ги формиравме за глобализација мора да се реформираат. Оваа година очекуваме две работи од сите лидери во Давос: поголема ангажираност, и поголеми визии и фантазии.

Клаус Шваб • Основач на СЕФ
Малку е доцна, но не е предоцна. Довербата се создава само ако постојат долгорочни цели, морални вредности во разноликоста и слично.  Мораме да го вратиме моралот на глобализацијата. Треба да јадеме помалку месо, да го исклучуваме светлото пред да заминеме од канцеларијата. Не ни требаат драматични промени во однесувањето, но ни треба свест за тоа дека мора да постапуваме за доброто на животната средина.
Порака пред самитот и од Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш. Предупреди дека најпродаваниот бренд денеска е политиката на стравот, која според него, постојано добива зголемен рејтинг.

Антонио Гутереш • Генерален секретар на ООН
Гледајќи ги предизвиците со кои се соочуваме, почнувајќи од климатските промени, па се до миграцијата, тероризмот и негативните страни на глобализацијата, несомнено е дека за светските предизвици се потребни светски решенија. Ниедна земја не може да успее сама.
Организаторите на Форумот со оптимистички прогнози за исходот, а народот со  песимистички очекувања.  Според последните анкети на јавното мислење, дури девет од десет испитаници веруваат дека односите меѓу водечките светски сили ќе се влошат во 2019 година. 88 насто од нив очекуваат натамошно поткопување на мултилатералните трговски прописи и договори.