Меј го објави новиот план за Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј го објави новиот план за излез од Европската Унија пред пратениците кои го отфрлија првиот договор меѓу Лондон и Брисел.... Изнесе предлози за спречување на сценарио на Брегзит без договор и продолжување на крајниот рок... Во Брисел нема расположение за нови преговори... Според германскиот министер за европски прашања Рот, состојбата наликува на трагедија поголема и од оние во делата на Шекспир.

Британската премиерка Тереза Меј го објави „План б“ за Брегзит за да добие зелено светло за договорот за излез од ЕУ кој претходно не беше прифатен во парламентот. На пратениците им порача дека ќе одржат дополнителни разговори со другите партии, додавајќи дека е против новиот референдум за излез од Европската унија. Очекува отстапки од ЕУ и билатерален договор со Ирска И најави флексибилност околу заштитниот механизам со кој се избегнува повторно воспоставување на граничните контроли меѓу Република Ирска, членката на ЕУ, и Северна Ирска којашто е британска територија. Пратениците ќе може да го дополнат планот , а за него ЌЕ се гласа на 29 јануари, односно два месеца пред одредениот датум за излез од ЕУ.
Тереза Меј • Премиерка на Обединетото Кралство
Наша должност е да се спроведе одлуката од првиот референдум. Втор референдум ќе создаде проблематична ситуација која може да има сериозни последици врз начинот на кој ќе спроведуваме реферндуми во иднина. Особено поради зацврстувањето на оние што водат кампања за разединување на целото Обединетото Кралство.
Поради сличноста со првиот план, многумина сметаат дека новите предлози на Меј се повеќе козметички отколку суштински. Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ја обвини за негирање на сопствениот неуспех, а обидите да го оживее пропаднатиот договор ги спореди со филмот „Денот на мрмотот“ во кој главниот лик постојано живее еден ист ден.
Џереми Корбин • Лидер на лабуристичката партија
Владата сѐ уште не се помири со поразот во Дoлниот дом. Премиерката изгледа како да ги прифаќа резултатите незаинтересирано, но вистината е дека ги одрекува. Според логиката на тој огромен пораз, таа треба да ги смени црвените линии зашто сегашниот договор е неспроведлив.
ЕУ,чијашто економија е шестпати посилна од Обединетото Кралство, не ја менува својата политика и договорот постигнат Во Брисел. Поради застојот околу Брегзит, Обединетото Кралство годинава не испрати делегација што обично ја предводеше британскиот премиер на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
