Тензично во Крим
Руските трупи ноќеска зазеле украинска воена единица и воспоставиле контрола врз аеродром. Според весникот „Украинска правда“, биле употребени светлосни и шок бомби...

Додека светските сили се обидуваат да ја смират тензијата, руските сили се групираат на Крим. Медиумите јавуваат дека телефонските линии се во прекин, а украинските сили преминуваат на страната на локалната власт и положуваат заклетва. Руските трупи ноќеска зазеле украинска воена единица и воспоставиле контрола врз аеродром. Според весникот „Украинска правда“, биле употребени светлосни и шок бомби. Германската влада најави: рускиот претседател Владимир Путин ја прифатил понудата на канцеларката Меркел, за формирање меѓународна контакт група под раководство на ОБСЕ и почеток на дијалог за состојбата во Украина. Државниот секретар на САД утре е во посета на Киев како подршка на привремената Влада. Преходно ја осуди акцијата на Москва нарекувајќи го „агресија“.
„Доколку Русија почне воени дејства врз Украина ќе се соочи со многу сериозни последици. Мислам дека оваа постапка на Русија е многу погрешна“, изјави државниот секретар на САД, Џон Кери.
Г-8 станува Г-7. Запад ја осуди руската акција на Крим и најавија трговска изолација на Русија. Според Вашингтон, нема да се одржи најавениот самит на најбогатите во Сочи.Берлин е умерен.
„Г-8 може директно да влијае врз Русија, и на тој начин да се смири состојбата, да не ескалира. Ние силно треба да дејствуваме и да испратиме сигнали Русија да ги почитува Украинците и нивниот територијален интегритет. Додека Украинската влада треба да биде влада на целиот народ, да ги заштити малцинствата и да повлече неколку спорни закони како Законот за јазиците“, вели Франк-Валтер Штајнмаер министер за надворешни работи на Германија.
Министрите за надворешни работи денеска одржуваат вонреден состанок во Брисел. Генералниот секретар на НАТО Расмусен, ја повика Русија да ги повлече своите силиод Крим. Киев, пак, прогласи општа мобилизација на воените сили. Поранешниот премиер на Украина, Јулија Тимошенко, која неодамна беше ослободена од затвор не верува во преговорите на релација Киев-Москва. Но и покрај притисоците од Запад, Русија не се откажува од Крим кадешто живее 57 насто руско население. Во Севастопољ е вкотвена и црноморската флота, која брои 15 илјади руски маринци и која стратегиски го надгледува патот кон теснецот Босфор. Москва се уште не е декларирала, но сценариото наликува на она во Сирија, кадешто е единствената руска база во Медитеранот. Дали украинската криза најавува и запирање на стратегискиот руски гасовод „Јужен Тек“?
Марија Петковска
