ПРЕТСТАВНИЧКИ ДОМ НА САД

Закон за забрана за излез од НАТО

23.01.2019 14:13

Претставничкиот дом во САД во уште една битка против претседателот Трамп... Усвоен е закон со кој му се забранува да ги повлече САД од НАТО... Ваков план беше најавен неколкупати поради, според него, неправедната поделба на трошоците за одбраната во алијансата... Трансатлантските односи се дестабилизирани и поради трговијата и повлекувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор...

Со 357 гласа „за“ и 22 „против“, Претставничкиот дом во САД одобри закон со кој му се забранува на претседателот Доналд Трамп да ја повлече државата од НАТО. Законот забранува и користење буџетски средства за процесот за излез од седумдецениската алијанса. Земјите-членки на Северноатлантскиот пакт треба да одвојуваат најмалку два насто од бруто-домашниот производ за одбрана, а предложено е и финансирање за т.н. Европска иницијатива за одговор на руска агресија.  

Џими Панета • Конгресмен од демократите

Мора да сфатиме дека НАТО не е само трансакциско парнерство. Нашиот единствен фокус не може да биде само за тоа кој плаќа и кој добива. Членството во НАТО не е како членството во елитен клуб.

Елиот Енгел тврди дека расформирањето на НАТО е една од главните цели на рускиот претседател Владимир Путин.

Елиот Енгел • Претседател на одборот за надворешни работи во претставничкиот дом

Токму затоа е вознемирувачки и загрижувачки Соединетите Американски Држави да испраќаат двосмислени сигнали за Алијансата, или да ја третираат како товар. Документот ја потврдува посветеноста на Конресот кон НАТО и забранува повлекување од НАТО. Испраќа јасна порака до администрацијата дека овој оддел од Владата ја поддржува Алијансата.

По смената на високи функционери во секторот за одбрана на САД, законодавците веруваат дека токму тие мора да ја водат битката во Конгресот.

Том Малиновски • Конгресмен од демократите

Многумина заминаа, ние останавме, и затоа е неопходно и важно Конгресот да си ја одигра уставната улога и да преземе чекори. Често велат дека уставот е покана за битка, а ние овде велиме дека не заминуваме од НАТО без битка.

Претседателот Трамп е во судир со Претставничкиот дом на Конгресот и поради буџетот за изградба на граничниот ѕид со Мексико, кој предизвика рекордно долга блокада на работата на владините агенции.